Француските музичари „Баруф оркестар” свиреа балканска музика во Скопје
На 4ти мај 2014, во Скопје, Баруф Оркестар го наполни скопскиот ноќен бар Менада. Несекојдневната изведба на традиционалната музика од Балканот ја дигна на нозе целата публика. Така, француските музичари му кажаа довидување на Скопје, каде престојуваа неколку дена. Музичарите од францускиот регион Долна Нормандија, придружувани од своите македонски колеги, денес ја продолжуваат македонската музичка авантура кон Охрид, Битола и Могила.
Баруф Оркестар се особено интересна група музичари бидејќи доаѓаат од Франција, но се препознаваат во музичката традиција од Централна и Источна Европа. Оваа екипа од дваесетина музичари од Долна Нормандија и од Македонија го свиреа својот репертоар кој се состои од музика од Балканот, збогатен со нови музички нумери од македонската традиција, научени за време на нивниот престој во Македонија. Во старата скопска чаршија публиката реагираше на тој динамичен спој барајќи уште. Оваа невообичаена група со разни инструменти, составена од различни генерации луѓе, преку овој мал концерт во Менада, ја пренесе својата оригинална визија на скопската публика, која пак ги пречека со дигнати раце. Бевме сведоци на страста на овие музичари кон музиката од Балканот, кон овие разноврсни музички размени но, пред сè, кон публика која сака да игра. Преостанува таа емотивна атмосфера да се пренесе во другите градови во Македонија каде што ќе настапува овој оркестар: Охрид, Битола и Могила.
Престојот на Баруф Оркестар во Македонија, како културен и уметнички настан во рамките на соработката помеѓу Долна Нормандија и Македонија, e поддржан од страна на Францускиот институт во Париз и Регионот Долна Нормандија. Партнери на оваа активност се повеќе институции и организации од Франција, како што се Конзерваториумот од Каен и Европската куќа од Каен. Партнери од Македонија се организациите Аларм и Локомотива, Oпштината Могила, Младинскиот културен центар од Битола и Младинскиот совет на Охрид. Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија поддржува културни размени на уметници од двете територии. По нивното враќање во Нормандија, оркестарот ќе одржи три концерти во Долна Нормандија со што француската публика ќе има прилика да ужива во македонската традиционална музика.
За да ги следите активностите на Баруф Оркестар посетете ја нивната фејсбук страница: Le Barouf Orkestar.
Macédonien
05.05.2014