Квалитетот на млекото – приоритет на петтата година на соработката кај фармерите
Француските фармери од АФДИ, г. Ришар Деминик и г-ѓата Одил Лебарбеншон, ја посетија Македонија во периодот од 27ми февруари до 4ти март 2012. Работната мисија ја започнаа во Скопје, со учество на „Балканската конференција за управување со кооперативите во услови на пазарна економија“, која се одржа на 28ми февруари. Пред присутните фармери и новинари од Македонија и Косово, француските фармери ја претставија соработката меѓу АФДИ и ФФРМ.
Работната посета продолжи со посетата на Агенцијата за храна и ветерина, односно секторот за јавно здравство како една од засегнатите страни во процесот на подобрување на квалитетот на млекото, што оваа година воедно е и главна проектна цел во соработката на земјоделската оска. Во таа насока, претставниците на АФДИ ја посетија и млекарата Здравје Радово во Струмица, каде ги разгледаа производствените капацитети на млекарата. При таа посета, делегацијата имаше можност да се сретне и со претставници на една од фокус фармите со која директно ќе се работи на подобрување на квалитетот на млекото.
Во општината Берово, француските фармери се сретнаа со градоначалникот на општина Драги Наџински. На средбата се разговараше за соработката помеѓу општината Ливаро од Долна Нормандија и Берово, како дел од соработката на градови, но и за можноста во иднина оваа соработка да се прошири во делот на подобрување на квалитетот на овчо млеко и традиционалното производство на сирење. Посетата на Берово продолжи со работна средба во кооперативата на одгледувачи на овци - Изгрев, која има можност во иднина да стане дел од соработката.
Посетата на француските фармери заврши во Скопје со средбата на „работната група“ оформена од страна на ФФРМ, а која директно ќе работи за подобрување на квалитетот на млекото во Македонија преку вклучување на сите засегнати страни во процесот на соработка (млеко-производители, млекарници, лаборатории, ветеринари, професори...). На состанокот двете страни ги разменија своите искуства и според позитивните пример од францускиот модел на работа, членовите беа охрабрени да продолжат да функционираат слично на тој модел со цел да се подобри квалитетот на млекото во Македонија.
Во иднина, ФФРМ и АФДИ планираат да стават поголем акцент на работата со фокус фармите и спроведување на обуки за фармерите на терен. Во меѓувреме, македонските фармери ќе работат на својата мисија во Долна Нормандија, која во мешан состав на институции, фармери и млекари ќе ги посети француските млеко-производители.
Балканска конференција за управување со кооперативите
Голем дел од конференцијата беше посветена токму на соработката помеѓу АФДИ и ФФРМ, на нивните досегашни активности и работата на македонските кооперативи наспрема француските кооперативи. Француските фармери ги претставија предностите за здружување во кооперативи кои, покрај пласманот на производите, нудат и взаемна корист за сите членови од користење на заеднички машини. На прес конференцијата, г. Деминик нагласи дека успехот на кооперативите сепак зависи и од поддршката на државата (која француските фармери ја добиваат од регионите). За време на конференцијата, претседателот на ФФРМ г. Андреа Секуловски ја промовираше брошурата за кооперативи, која е издадена во рамките на проектот за децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија.
Macedonian
04/03/2012