Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Споредба на францускиот и македонскиот правен систем – прв чекор кон поструктурирана размена со Франција

Printer-friendly versionSend to friend
На 21 февруари 2013 година, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, за првпат се одржа семинар посветен на компаративно право на францускиот и македонскиот правен систем. Иницијативата за организирање на ваков настан е покрената од Меѓународниот институт за човекови права и мир кој од одамна соработува со Македонија на тема човекови права и трудово право. 
 
Семинарот беше отворен од страна на Н.Е. г-ѓа Лоренс Оер, амбасадор на Франција во Македонија. Таа ја поздрави оваа иницијатива која според неа, ќе даде одговор на многу предизвици околу трудовото право во Франција и Македонија. Таа исто така се заблагодари на сите организатори на семинарот, како Регионалниот совет на Долна Нормандија кој даде поддршка за реализација на настанот.
 
По неа, Борче Давитковски, декан на Правниот факултет од Скопје, потцрта дека оваа иницијатива е покрената пред сè за младите со цел да се разменуваат искуства и знаења со француските експерти и да се одржи оваа соработка. Тој изрази надеж за отворање на нова мастер програма на тема трудово право во соработка со Франција која е лулка на правната наука.
 
На семинарот свои излагања имаа француски и македонски експерти кои дискутираа на многубројни теми кои го засегаат македонското, француското и европското секојдневие во поглед на трудовото право. Плодните дискусии помеѓу експертите, студентите и останатите учесници придонесоа кон продлабочување на знаења и отворање на една нова перспектива во насока на преземање на позитивните искуства. 
 
Себастијан Ботро-Бонтер, директор на Меѓународниот институт за човекови права и мир го заокружи семинарот велејќи дека дебатите изобилуваа со стручни и научни податоци и беа мошне корисни. Тој исто така нагласи дека соработувајќи на теми од заеднички интерес, всушност се создаваат мостови и се учи од другиот со цел да најдат решенија на сеприсутните предизвици.
 
Впечатоците од семинарот беа позитивни, а учесниците и публиката сметаат дека ова е навистина важен чекор напред кон усогласување на македонскиот правен систем кон европските норми и се задоволни од оваа иницијатива и структурирана размена која се надеваат ќе продолжи се развива и во иднина.
 
Настанот кој ќе има свое продолжение во октомври 2013 година, беше поддржан од Амбасадата на Франција во Македонија во соработка со Правниот факултет од Каен и Правниот факултет од Скопје, а ја следи динамиката на двонасочни размени што се одвиваат во рамките на децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија. Институтот за човекови права и мир од Каен е партнер на неколку македонски организации во рамките на децентрализираната соработка со кои активно соработува на темата човекови права.
 

 

Macedonian
22.02.2013

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“