Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Уметничко образование - сега

Printer-friendly versionSend to friend

Вметнувајќи го уметничкото и културно образование меѓу приоритетите, претседателот на Републиката им ги подгреа надежите на сите оние кои се занимаваат со овие одделни практики на „образование за и со помош на уметноста“, почнувајќи од „остручување за културата до културни практики“. Уметници, предавачи, одговорни за образованието и културата и локални избраници веќе неколку години се вложуваат во проекти каде се „вкрстуваат“ светот на уметноста и културата со оној на образованието: уметнички практични ателјеа, часови за уметнички и културни проекти, збратимување меѓу образовни и културни институции, предавања од уметници во училиштата, културни активности, остручување на уметници и предавачи... Овие активности не само што им даваат смисла на стекнатите знаења и ја оживуваат училишната институција, туку и придонесуваат кон појавата на едно подемократско општество. Во време кога зборуваме за повторно осмислување на училиштето, треба да се тргне токму од ваквите размисли и активности за да се осмисли новата политика. По наше видување, неопходни се три елементи, од кои понатаму  произлегуваат многу конкретни ангажмани.

Најпрвин, уметничката и културна практика треба да биде во срцето на овие механизми. „Од искуството се раѓа мислата“, велат педагозите! Да се дејствува, прави, црта, свири, танцува, пее... Треба со телото да се почувствува она што може да стане вистинска естетска димензија. Да се осмисли, па спроведе еден квалитетен уметнички или културен проект, да се застане лице в лице со доживеаното искуство, тоа се исклучително важни појдовни точки. А за тоа потребни се време, простор, способности: од архитектурата на зградите до училишните распореди, преку обуки за предавачи и учители, па дури и преку водење градежни локации. Уметничкото и културно образование е невозможно без личното искуство. 

Односот кон делата е втората важна работа. Треба да се гледаат, слушаат, читаат, доживеат делата создадени во минатото, како и оние создадени денес, за да да може да се развие и формира личниот уметнички вкус. Посетата на музејот или центарот за уметност, гледањето на некој спектакл или филм во кино или, пак, времето поминато во библиотека, покрај улични изведувачи или примерок од архитектонското наследство... сешто може да биде одлучувачка прилика за развојот на една автентична култура. Токму затоа, потребна е политика на создавање и промовирање меѓу младата публика, стручните медијатори, во превозните средства... Уметничката и културната наобразба изискуваат создавање однос спрема делата преку нивно доживување. 

Во контекст на досега кажаното, повеќе не можеме да се осврнуваме само на иницијативите преземени од територијалните единици: потребно е да се формира партнерство со министерствата за национално образование и култура, кои треба да придонесат кон обучувањето на кадарот, производството на педагошките алатки, размислувањето со општествените партнери-чинители околу хонорарите за уметниците-соработници, помошта за проектите. Територијалната нееднаквост треба да се урамнотежи со распределба на државни кредити меѓу територијалните единици, а истовремено треба повторно да се пристапи кон државното финансирање на ваквите активности: возможно е да се одделат по 1.000 евра годишно по одделение, сума која би претставувала безмалку двојно повеќе од сегашното чинење на „француските посебни интернати“**.

Третиот услов за успех е стекнувањето - индивидуално и колективно – на остварени искуства. Уметничката авантура е извонредна појдовна точка за стекнување технички познавања, филозофски и историски размисли ... Уметничките и културните практики, кои се самите темели „при формирањето на личноста“, ја овозможуваат таа „инверзија на дисперзијата“, потребна повеќе од кога било досега, давајќи им, притоа, предност на концентрацијата, вниманието и владеењето со себеси. Заради нив, од гестикулацијата се раѓа гест, а од дрдорењето – говор. Оттука, потребна е нова политика за остручување на предавачите и учителите. Уметничкото културно образование е невозможно без усвојувањето на знаењата што тоа ги пренесува.

Уметничкото и културно образование не може да се сведе на нова „дисциплина“, што беше случај со „историјата на уметноста“. Го очекуваме „националниот план“ што го вети Франсоа Оланд, генерализирајќи го значењето на „образовен, уметнички и културен проект“ во кој се вклучени образованието, народното образование и културата. Повторното осмислување на училиштето на републиката бара остручување на просветени креативни и критички освестени граѓани. Уметничкото културно образование треба да биде во срцето на ова неопходно „реновирање“ на училишниот систем за да може да се „одгледа“ ученик и од него да се направи граѓанин способен да создава во еден солидарен свет.

*Мари-Кристин Бордо, професорка-истражувач на универзитетот „Гренобл 3“; Патрик Бушен, архитект; Жан-Габриел Карасо, режисер; Паскал Колан, драматург и сценограф; Жан-Пјер Даниел, синеаст и педагог; Франсоа Дешан, претседател на Националната федерација на здруженија на директори за културни работи; Ален Керлан, филозоф и директор на Институтот за науки и практики на едукација и обука (Испеф) при универзитетот „Лион 2“; Жан-Клод Лајиас, професор по литература: Женевјев Л‘фор, претседателка на здружението „Сен д‘анфанс е д‘аијер“ (Scènes d’enfances et d’ailleurs); Филип Мериу, педагог на „Лион-2“; Тиери Париант, директор на Вишата национална школа за уметност и театарски техники (Енсатт) во Лион; Клер Рану, национална претставничка на Националното здружение за истражување и театар (Анрат); Робан Ренуки, директор на театарската група „Трето д Франс“ (Tréteaux de France) и претседател на организацијата за уметничко и културно остручување „Арија“ (Aria); Емануел Вајон, социолог на универзитетот „Пари-Уест-Нантер“.

**Во Франција постојат околу 500.000 одделенија (во сите основни и средни училишта, приватни и државни), а буџетот на посебните француски интернати во 2011 година изнесуваше 200 милиони евра.

 

version originale

Macedonian
08.10.2012
Извор: Либерасион (Libération)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“