Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Земјоделците треба да и` отстапат поголем простор на биолошката разновидност

Printer-friendly versionSend to friend
Земјоделски фарми со повеќе жива ограда, грмушки, езерца или пошумени појаси по течението на реките... Од следната година, француските земјоделци ќе треба да пренаменат 4% од своите поседи во природни површини, со цел зачувување на животната средина. Дискретно донесена од Владата на почетокот на новата работна година, оваа мерка предизвика лавина од негодувања меѓу земјоделците.
 
„Станува збор за исклучиво административна одлука, која на никој начин не го одредува ниту пак, условува раководењето со фармите“, со жалење појаснува Кристијан Ламбер, потпретседател на Националната федерација на земјоделски синдикати (ФНСЕА). „Некои земјоделци, особено одгледувачите на житни култури и винова лоза чии поседи се наоѓаат на каменест терен, ќе треба да одделат средства за садење и одгледување жива ограда. Во дадени случаи, ќе мора да се намали и обработливата површина.“
 
Безболна мерка
Во суштина, мерката не носи којзнае колкава промена. Од минатата година, земјоделците веќе пренаменуваат 3% од своите фарми во топографски соодветни површини, како што впрочем и се нарекуваат жаргонски, согласно Условите за земјоделство и животна средина (БЦАЕ) усвоени од Министерството за земјоделство. Почитувањето на овие 7 национални одредби, кои претставуваат збир од 18 европски директиви и правила, е предусловот за добивање на помошта од Брисел.
„Незначителното зголемување на процентот на пренаменета површина ќе биде безболно за повеќето земјоделци, кои веќе имаат одделено најмалку 3% за овие потреби, па не сметаат дека обработливата површина им е намалена. Меркава ќе се одрази само кај поседите со големи култури, особено житните басени на Северот на Франција, каде речиси и да нема дрвја“, уверува Самуел Фере, координатор на групата ЗЗП 2013, која обединува 25 земјоделски и еколошки организации, меѓу кои се и Светскиот фонд за природата (WWF) и Конфедерацијата на земјоделци.
Едно од овие здруженија, „Солагро“, изработи мапа со општини каде топографски специфичните површини заземаат помалку од 3% од вкупните земјоделски површини (обоени во црвено) и повеќе од пропишаните проценти (зелени тонови):
 
 
Краткорочни и долгорочни придобивки
„Големите земјоделци се против дополнителни правила, но краткорочно и долгорочно гледано, тие правила ќе им донесат придобивки“, објаснува Жан-Кристоф Буро, професор по економија на универзитетот „АгроПариТек“ (AgroParisTech) и специјалист за Заедничката земјоделска политика (ЗЗП). И дополнува: „Овие еколошки површини овозможуваат да се зголемат приносите или во најмала рака, да не се намалат.“
А предностите што ги носи оваа нова мерка се бројни: подобро задржување на водата во почвите, заштита на почвите од ерозија, намалено истекување на потребните супстанции (како азотот) во водата или засолниште за помошниците на земјоделските култури, односно грабливците кои ги уништуваат штетниците без каква било хемиска интервенција и инсектите-опрашувачи кои ги оплодуваат одгледуваните растенија.
 
„Раззеленување“ на ЗЗП
Ако земјоделската фела чкрта со забите, тоа е затоа што оваа владина одлука навестува „раззеленување“ на идната ЗЗП, со што не се согласува мнозинството земјоделци. „Подобро ќе беше да почекаа да поминат преговорите на европско ниво пред да ги зголемат еколошките површини во Франција“, се жали Кристијан Ламбер од ФНСЕА. „Така, немаше да опадне нашата конкурентност ниту пак ќе се ризикуваше да дојде до дисторзија во конкурентноста во рамките на Унијата, особено зашто овие правила не важат во другите земји.“
„Незадоволството на синдикалните организации поради овие 4% претставува, всушност, идеолошки став. Тие го отфрлаат ваквиот позитивен сигнал од Државата во време кога се обидуваат – преку своите лобија – да ја намалат стапката од 7% на 5% во рамки на идната ЗЗП“, проценува Самуел Фере.
 
Реформата на ЗЗП, која ќе се спроведува во периодот од 2014 до 2020 година, предвидува пренамена на дури 7% од земјоделските површини за еколошки цели, што е многу повеќе отколку сегашните површини во Франција. Згора на тоа, земјоделците ќе треба да ги збогатат своите култури (најмалку три различни) и да одржуваат постојани пасишта. Само така ќе може да се ползува во целост помошта предвидена со првиот столб на ЗЗП, која делумно ги покрива поддршката на пазарот и поддршката на приходите. Минатата година, по овој основ Брисел и` префрли на Франција речиси 10 милијарди евра – од вкупно 42 милијарди евра, колку што беа одделени за оваа ставка во Унијата.
 
Од 2014 година, 30% од оваа директна помош нема да може да се користат доколку не се почитуваат новите земјоделски и еколошки услови. „Еколошката ставка ќе претставува 80 евра од помошта која минатата година во просек изнесуваше 280 евра по хектар. Земјоделецот кој нема да ги почитува условите, особено оние за еколошките површини, нема да добие повеќе од 200 евра по хектар“, пресметува Самуел Фере. Оттука, потребно е да се поттикнува биолошката разновидност на фармите.
 
Животната средина и фармите
Во Франција, земјоделците треба да пренаменат 3% (односно 4% по 1 јануари 2013 година) од своите обработливи површини во пошумени и предели со топографски особености (жива ограда, грмушки, езерца). Под името топографски еквивалентни површини (СЕТ), заштитените елементи, измерени во хектари, се вметнуваат во табелата за Позитивен земјоделско-еколошки пристап (БЦАЕ) на Министерството за земјоделство.
Во Европа, реформата на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), која ќе се применува од 2014 до 2020 година, предвидува пренамена на 7% од фармите во површини од еколошки интерес, термин кој е малку поширок од топографските еквивалентни површини. Покрај топографските особености и пошумените предели, површините од еколошки интерес ги опфаќаат и угарите, земјиштето обработено во тераси, ливадите, па дури и традиционалните овоштарници.
 
 
Macedonian
19.10.2012
Извор: Ле Монд (Le Monde)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“