Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија претставена на „Македонските денови” во Париз

Printer-friendly versionSend to friend
На 4 и 5 декември 2012 година во Институтот за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) се одржа меѓународниот научен симпозиум „ Македонски денови, дваесет години независност: биланс и перспективи“. Симпозиумот претставуваше одлична можност да се поттикнат експертите и научната заедница заедно да размислуваат и да разменуваат научни факти за историјата на Македонија од нејзиното осамостојување до денес и да се даде сеопфатен приказ за целата ситуација во земјата за подобро да се разбере причината поради која Македонија долго време е кандидат за членство во Европската унија. Со оглед на тоа што во француските медиуми нема многу информации за Македонија, настани од ваков карактер се потребни и добро прифатени од тамошната публика.
 
Помеѓу бројните и неисцрпни теми кои ја преставија Македонија од историски, културолошки, политички, јазичен и социјален аспект, се зборуваше и за Македонија во меѓународни рамки и во тој контекст беше претставена децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија. Одре Полмие, задолжена за децентрализираната соработка во Регионалниот совет на Долна Нормандија, зборуваше за размената на искуства и на добри практики на различни теми во рамките на децентрализираната соработка што веќе седум години по ред интензивно се спроведува меѓу двете територии преку оските на соработка и збратимените општини. Таа го истакна значењето и позитивното влијание што го носи оваа соработка за двете територии.
 
Симпозиум беше затворен со проекција на документарниот филм за орото „Тешкото“ во изведба на фолклорниот ансамбл „Танец“.
 
Организатор на симпозиумот за македонистиката е Катедрата за изучување на македонскиот јазик при Францускиот националниот институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО), под раководство на професорката Фроса Пејоска-Бушро која исто така беше иницијатор за првите Македонски денови во ИНАЛКО кои се одржаа во 1996 година.
 
 ИНАЛКО е еден од најстарите научни институти во Франција, создаден во 1669 година, а македонскиот јазик е еден од 93 јазици колку што се изучуваат на овој институт.

 

Macedonian
10.12.2012

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“