Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Г-ѓа Ани Ан, заменик-претседател на Регионот Долна Нормандија, се сретна со институционалните партнери на соработката

Printer-friendly versionSend to friend
Од 24 до 27ми јуни, г-ѓата Ани Ан, Заменик-претседател на Регионот Долна Нормандија, одговорна за меѓународна соработка во Регионалниот совет на Долна Нормандија, ја посети Македонија со цел да оствари средби со институционалните актери на децентрализираната соработка меѓу двете територии, која започна во 2006 година.
 
Г-ѓата Ани Ан, во придружба на г. Александар Фоло, директор за Европски прашања и меѓународни односи и г-ѓа Одре Полмие, одговорна за соработката во Регионот, ја претстави новата три-годишна програма на соработката за периодот од 2013 до 2016 година, пред институционалните партнери во Македонија.
 
Министерот за локална самоуправа на Македонија, г. Тахир Хани, на средбата со француската делегација во Скопје, ја потврди својата желба за зајакнување на институционалните врски со Регионот Долна Нормандија. Министерството за локална самоуправа, преку заеднички активности во рамките на програмата, ќе продолжи да соработува со овој француски регион со цел да придонесе за развојот на Македонија на локално и регионално ниво во процесот на интеграција кон Европската унија.
 
За време на посетата, г-ѓата Ани Ан имаше можност да се сретне и со г. Фатмир Бесими, вице-премиер и министер за евро-интеграции на Република Македонија, г. Коце Трајановски, градоначалник на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС и г. Никола Поповски, министер за надворешни работи на Република Македонија. На средбите се зборуваше за заедничките цели на Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, како што се: локалниот и регионалниот развој, поддршка кон децентрализацијата, евро-интеграцијата, демократијата и граѓанското учество.
 
Г-ѓата Лоранс Оер, амбасадорка на Република Франција во Македонија, за време на официјалната средба со делегацијата, ја истакна поддршката на Министерството за надворешни работи на Франција за програмата на соработката. Г-ѓата Ани Ан зборуваше и на отворањето на 6-иот фестивал на француски филм во Македонија, настан кој го организира Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Регионот Долна Нормандија.
 
Соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија изобилува со голем број на чинители и проекти од различни области, кои соработуваат во мрежа во рамките на програмата. Нејзината реализација има големо значење за отворањето кон Европа и светот и на двете територии, со што ја потврдува својата значајна улога за поддршка на локалните власти во меѓународната соработка.
Macedonian
01.07.2013

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“