петок 22 јуни 2012
Accueil > македонски јазик > Долна Нормандија > Новости од Долна Нормандија и Новости на децентралиэирана соработка > Македонските уметници задоволни од одѕивот на француската публика

Македонските уметници задоволни од одѕивот на француската публика

Каен (Долна Нормандија) - 4 мај 2010

Македонските уметници што учествуваа на шестата „Балканска пролет“ во францускиот регион Долна Нормандија се задоволни од одѕивот на публиката и од посетеноста на многубројните настани што ги понуди манифестацијата што годинава и е посветена на македонската култура

„Балканската пролет“ почна на 2 април во градот Каен, со концерт на кралицата на ромската песна Есма Реџепова и со изложба на фотографии за првите сниматели на Балканот - браќата Манаки, подготвена од уметникот Роберт Јанкуловски.

Реџепова поради големиот интерес на француската публика и распродадените влезници, наместо еден, одржала два концерта, а фотографиите за Манаки, пак, собрале мноштво публика и во деновите по официјалното отворање.

Со позитивни впечатоци од гостувањето во Долна Нормандија се вратија и членовите на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. Во музичкиот дел на програмата беа и четирите настапи на Женскиот младински хор под диригентство на Сашо Татарчевски, кој посочува на одличниот прием при гостувањето во повеќе нормандиски градови, задоволен од акустиката на катедралите и малите цркви, во кои се претставиле со православна духовна музика и со македонски фолклор.

- Се потрудивме да презентираме интересно конципирана културна програма, која е спој на традиционалното творештво во Македонија и урбаната македонска современост. Направивме избор од повеќе области - музика, литература, театар, ликовна уметност, современ танц, филм и занаетчиство - вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„Балканската пролет“ во Долна Нормандија ќе продолжи и овој месец, а ќе биде затворена на 28 мај. Програмата на манифестацијата содржи уште многу настани што ја презентираат македонската култура, меѓу кои се концертите на „Баклава“, „Љубојна“, „Проект Жлуст“, триото „Гавроски“, ансамблот „Стевче Стојковски“, проекција на филмот „Како убив светец“ на Теона Митевска, изложба на македонски народни носии на Заводот и музеј Битола...

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA