МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ - НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА
Интеграцијата во евро-атлантските структури е приоритет на Македонија.
Паралелно со процесот на стекнување независност на Република Македонија во 1991 година, започна и процесот на етаблирање и позиционирање на Република Македонија на меѓународен план, преку воспоставување комуникација, развивање соработка и стекнување членство во меѓународните организации. Република Македонија стана членка на Обединетите нации на 7 април 1993 година, а последователно и на сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН. Две години подоцна, во 1995 година, Република Македонија стана членка на Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа, како и на други релевантни регионални организации и иницијативи. Последните години, Република Македонија стана членка на Светската трговска организација (2003), на ЦЕФТА (2006) и полноправна членка на Франкофонијата (2006).
МАКЕДОНИЈА И ЕУ
Македонија е прва земја што го потпиша Договорот за Стабилизација и Асоцијација (ДСА) со Европската Унија на 9 април 2001год. (стапи во сила на 1 април 2004 год.). Членството во Европската Унија е стратешки интерес на Република Македонија од нејзиното осамостојување. Од воспоставувањето на дипломатските односи со ЕУ во декември 1995 год., Република Македонија се легитимираше како партнер од доверба и вистински сојузник на Европската унија, при тоа не прескокнувајќи ниту една институционална етапа во приближувањето кон Унијата: од склучување на Спогодбата за соработка во 1997 год., преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001, стекнувањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 година и на препораките од Европската комисија за почеток на пристапни преговори во 2009 и 2011 година. Во својот извештај за напредок од 8 ноември 2006 год., Европската Комисија и истакна на земјата са се заложи за имплементација на потребните реформи за својот пристап кон унијата. Од јануари 2007 год. Македонија ги исполнува условите за новиот пред-пристапен инструмент (IPA).
МАКЕДОНИЈА И НАТО
Членството на Република Македонија во НАТО останува стратегиски приоритет на надворешна политика на нашата земја. Интеграцијата во Евро-атлантските е логична последица на постигнатиот напредок, во кој земјата инвестираше повеќе од една деценија. Република Македонија својата определба за интеграција во Евро-атлантските структури ја дефинираше уште во 1993 година, кога Собранието на Република Македонија едногласно ја усвои Резолуцијата за пристапување на Република Македонија во НАТО и истата повторно ја потврди во 2007 година. Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт (2-4 април 2008 г.), јасно беше призната посветеноста на Република Македонија кон вредностите и оперативните активности на НАТО и напредокот на земјата во севкупните реформски процеси.
МАКЕДОНИЈА И ФРАНКОФОНИЈА
Република Македонија стана полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонија (МОФ), на Самитот на Организацијата, што се одржа во Букурешт, Романија, на 28 септември 2006 г. На највисокиот статус во МОФ, му претходеа – приемот во членство на МОФ, со статус - набљудувач во МОФ, на Самитот во Ханој, Виетнам, 1997 година, како и подигнување на статусот во асоцијативно членство - во Монктон, Канада 1999 година.
Извор: Министерство за надворешни работи на Македонија http://www.mfa.gov.mk/ [1]
МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
Соработка со региони
- Република Македонија и италијанскиот Регион Пулја, на 15 септември 2006 година потпишаа меморандум за економска и културна соработка.
- Република Македонија и францускиот Регион Долна Нормандија, на 20 февруари 2007 година потпишаа договор за соработка во областа на локалната самоуправа.
Меѓу општинска соработка
Уште во рамките на Социјалистичка Федеративни Југославија, Република Македонија остваруваше широка меѓу општинска соработка. Оваа традиција продолжи и по осамостојувањето во 1991 година. Денес не само што се одржуваат веќе започнатите активности и соработки со голем број градови од странство туку се воспоставуваат и бројни нови врски и нови програми за соработка. Ваквата иницијатива е силно подржана од Заедницата на единици за локална самоуправа – ЗЕЛС.
Области на соработка со збратимени француски општини:
- Скопје и Дижон (1961): соработка во областа на уметноста
- Битола и Епинал (1968): младински размени
- Скопје и Рубе 91973)
- Куманово и Рен (2002): туризам, валоризација и локално управување
Macedonian