Од 19 до 21 септември 2012 година, кај плажата Омаха (плажите на сојузничкото истоварување), во Долна Нормандија ќе се одржи завршниот Управен одбор на петтата година од децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија. Целта на формалната средба што ќе трае три дена е да се направи евалуација на досегашните активности и да се дефинираат стратегии за идниот тек на програмата.
За време на трите работни дена ќе се одржат повеќе партиципативни и креативни сесии со цел да им се даде можност на партнерите од Долна Нормандија и Македонија да направат резиме на сè што било постигнато во текот на второто триенале (2010-2013), да се дадат предлози за новата програма и да се идентификуваат и анализираат евентуалните проблеми. Партнерите ќе можат да ги споделат нивните искуства и креативност и на тој начин да придонесат за повторно дефинирање на целите на програмата. Сите замислени активности меѓу партнерите ќе бидат проткаени со меѓукултурна димензија.
Проектот е поддржан до Регионалниот совет на Долна Нормандија и француското Министерство за надворешни работи, а координиран од страна на Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА). Активностите на програмата за 2012-2013 година се групирани во шест дела спроведувани од следниве француско-македонски „тандем организации“:
- Оска 1: Дирекција за дигитален развој на територијата на Регионалниот совет на Долна Нормандија (ДН) и Метаморфозис (МК);
- Оска 2: Европска куќа – Долна Нормандија (ДН) и Коалиција на младински организации - СЕГА (МК);
- Оска 3: Национална асоцијација на градови со историја и уметност и градови со заштитени зони и сектори (ФР) и Асоцијација на градови од Македонија со архитектонско наследство (МК);
- Оска 4: Регионален центар за култура, етнологија и техника во Долна Нормандија - CRéCET (ДН) и Центар за нови иницијативи во уметноста и културата - Локомотива (МК);
- Оска 5: Центар за институционален развој (ЦИРа) (МК);
- Оска 6: Француски земјоделци за меѓународен развој - AFDI Долна Нормандија (ФР) и Федерација на фармери на Република Македонија - ФФРМ (МК).
Macedonian
19.09.2012