Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Старата архитектура можност за одржлив развој

Printer-friendly versionSend to friend

Можноста да се зачуваат архитектонските бисери и да се стават во функција на одржливиот развој беше во фокусот на конференцијата посветена на стандардите за заштита на наследството што на 9-ти март годинава се одржа во Велес. На конференцијата, организирана од Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство и Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност, Градоначалникот Горан Петров во функција на претседател на македонската асоцијација го потенцираше значењето на ова соработка. „Соработката на овие две асоцијации веќе навлезе во шестата година и многу се радувам што оваа соработка се развива паралелно со активностите од билатералната Програма помеѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија во Република Франција. Архитектонското наследство не може да се чува во депо. Тоа е скапоценост изложена на временските непогоди, вредност чиј непријател е времето. Но, со пријатели како  Асоцијацијата на градови од Македонија и Националната асоцијација од Франција, ова богатство ќе го сочуваме и ќе биде гордост и на идните генерации“, рече Петров.

Жан Ив Лавоар Советник за култура и соработка при Амбасадата на Република Франција и директор на Францускиот институт  го нагласи значењето на проектот. „Се надевам дека повеќедневниот престој на експертите од Франција во Македонија, средбите и посетите што се одржаа во Велес, Куманово, Штип, Берово и Кратово вродија со интересни разговори и размена на искуства. Примената на европски стандарди при пописот на културното наследство е секако важна тема и ние, како Амбасада, постојано ќе ве придружуваме во тие зафати. Особено нè радува и би сакал исто така да ја поздравам богатата соработка што на општ план се воспостави со регионот на Долна Нормандија“, рече Лавоар.

На конференцијата присуствуваа и Ивана Димитровска, раководител на соработката Македонија-Долна Нормандија и Лудивин Баску менаџер на политики од  Француската национална асоцијација, механизмите на заштита на архитектонското наследство ги претстави Антоан Бругерол, експерт-архитект за наследство. Пред присутните посетители и организации како што е АЛДА, ИКОМОС –Македонија, претставниците на надлежните државни институции, граѓанските организации и медиумите, архитектите од градовите вклучени во проектот ги презентираа впечатоците од првата етапа во пописот на архитектонското наследство. Создавањето на партнерства помеѓу општините и националните институции, креирањето на алатка за попис на наследството која ќе ги следи европските стандарди но ќе се прилагоди на потребите и спецификите на Македонија, а најмногу сензибилизацијата на граѓаните беа само дел од заклучоците кои во следната етапа треба да создадат мрежа од стручни лица на сите нивоа со цел да се заштити архитектонското наследство. Крајната цел е создавање на документација со која македонските општини ќе можат да аплицираат пред европските фондови и да обезбедат средства за ревитализација на архитектонскиот идентитет и негово ставање во функција на развојот на туризмот и локалната економија.

Покрај организацијата на конференцијата, во рамките на својата мисија во Македонија претставниците на француската асоцијација работеа со проектните тимови во петте општини. Во следната фаза дел од проектот ќе биде и општина Крушево.

Macedonian
09.03.2012

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“